Меморандумот го потпишаа министерот за образование и наука Никола Тодоров и амбасадорката на Швајцарија во Македонија Никол Вирш.
Целта е да се воведе настава за животна средина во целата држава на три нивоа - во градинките, основните и во средните училишта. Проектот треба да трае три училишни години до кога сите предучилишни установи и училиштата треба да ја интегрираат екологијата како компонента во наставната програма.
- Преку овој проект Швајцарија ќе ја поддржи македонската влада во нејзините напори за подобрување на животната средина. Главен фокус во проектот е подигнување на свеста на најмладите за важноста на чиста и здрава животна средина, рече амбасадорката Вирш.
Таа нагласи дека проектот е значаен зашто оригиналната идеја и мотивацијата доаѓаат од Македонија, како земја-корисничка на помошта, а Швајцарија како странски партнер само помага таа да се реализира.
- Потребата за подигнување на еколошката свест кај децата од предучилишна и училишна возраст во услови кога светот се повеќе е загрижен за постојните климатски промени и кога се повеќе одржува средби на највиско ниво на кои се расправа за можните решенија на овие глобални проблеми, сметавме дека е многу полезно преку ваков меморандум да помогнеме за воведување на еден друг вид едукација во македонското образование, рече министерот Никола Тодоров.
Првата поддршка на Швајцарија за наставата за животна средина во Македонија беше доделена во 2002 година за проект реализиран од невладината организација ОХО.
Извор МИА



















