Македонски Документи

Адреса

ул. Димитрие Чуповски

бр 9, 1000 Скопје

тел: +389 2 3117 288
факс: +389 2 3118 414
e-пошта: contact@mon.gov.mk

Правилник за начинот на верификација на основното училиште и за содржината, формата и начинот на водењето на регистрите Верзија за печатење
09.08.2007

 

Врз основа на член 18 став 3 и член 19 став 3 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија" бр.44/94, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 40/2003, 42/2003, 63/2004, 55/2005,81/2005, 113/2005, 35/2006, 70/2006 и 51/2007), министерот за образование и наука донесе

 

ПРАВИЛНИК

за начинот на верификација на основното училиште за содржината, формата и начинот на водењетo на регистрите

 

Член 1

Со овој правилник се пропишува начинот на верификација на основното училиште и за содржината, формата и начинот на водењето на регистрите.

Член 2

Комисијата која извршува подготовка за работа на основното училиште доставува образложено писмено барање за верификација до Министерството за образование и наука (во натамошниот текст: Министерството), најдоцна до 30 април во тековната, за наредната учебна година.

Член 3

Верификација на основното училиште врши Комисија за верификација (во натамошниот текст: Комисија) што е формирана од министерот за образование и наука (во натамошниот текст: министерот).

Комисијата за верификација на државно основно училиште ја сочинуваат три члена: по еден член од Министерството, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат.

Комисијата за верификација на општинско основно училиште ја сочинуваат четири члена: по еден член од Министерството, Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат и од општината.

Претседател на Комисијата е членот од Министерството.

При утврдувањето на условите за верификација учествува и претставник од подносителот на барањето од член 2 на овој правилник.

Член 4

Комисијата преку непосреден увид ја утврдува исполнетоста на условите за вршење на воспитно-образовната дејност на основното училиште согласно законот.

Член 5

По извршениот увид Комисијата до Министерството поднесува писмен извештај за исполнетоста на условите со предлог за верификација.

Член 6

Врз основа на поднесениот извештај и предлогот на Комисијата се донесува решение за верификација од страна на министерот.

Решението за верификација на основното училиште се донесува најдоцна до 31 мај во тековната за наредната учебна година

Решението се доставува до основното училиште што се верифицира, до основачот и до Државниот завод за статистика на Република Македонија.

Член 7

Државното, односно општинското основно училиште кое е верифицирано се запишува во регистарот што се води од страна на Министерството.

Општинското основно училиште се запишува во регистарот што се води од страна на општината за основните училишта на своето подрачје.

Во регистрите од став 1 и 2 на овој член се внесуваат податоци за организирање и остварување на основното образование.

Член 8

Податоци од регистрите на општините се доставуваат до регистарот на Министерството од член 7 став 1 на овој правилник.

Член 9

Регистарот на Министерството и регистрите на општините се водат во посебно тврдо подврзана книга со темно плава корица. Листовите на регистрите се нумерирани и прошиени со емственик, чии два краја се потпечатени со црвен восок на внатрешната страна од задната корица на регистарот.

Регистрите од став 1 на овој правилник се оверуваат на внатрешната страна од задната корица.

Регистарот на Министерството и регистрите на општините се водат и во електронска форма.

Регистарот на Министерството се води според Образец бр. 2 кој е составен дел на овој правилник.

Регистарот на општината се води на Образец бр. 3 кој е составен дел на овој правилник.

Член 10

Запишувањето во регистрите се врши со темно сино мастило.

Во регистарот на четири листа се внесуваат податоци за едно основно училиште.

Организирањето на дејноста во подрачно училиште, односно паралелки надвор од матичното училиште се внесува во регистарот на листовите каде е запишано основното училиште во кое се организира ваква дејност.

Кога регистерските листови ќе се исполнат до крај, за наредните запишувања се користи нов регистарски лист кој се води под ист регистарски број.

Член 11

Запишувањето во регистрите се врши врз основа на поднесена писмена пријава според Образец бр.1 кој е составен дел на овој правилник.

Кон писмената пријава основното училиште поднесува акт за основање во заверен препис.

Член 12

Бришењето на основното училиште од регистрите се врши на тој начин што со црвено мастило се прецртува со права линија секој ред од запишувањето, а на крајот се наведува основот заради кој се врши бришењето.

Во случај на погрешно запишување се врши исправка на тој начин што преку погрешно запишаниот текст се повлекува тенка линија и над неа се внесува точниот текст. Исправката се врши со црвено мастило.

Секое запишување во регистарот го потпишува службеното лице што го води регистарот.

Член 13

Писмената пријава за запишување во регистарот се поднесува и за позначајна измена што настанува во основното училиште (менување на статусот, називот, седиштето и др.).

Врз основа на пријавата, запишувањето на настанатата измена се врши во соодветните рубрики од регистрите.

Член 14

Пријавата за настанатата измена државното, односно општинското основно училиште, ја доставува до Министерството најдоцна во рок од 15 дена од настанатата измена.

Пријавата за настанатата измена државното, односно општинското основно училиште, ја доставува до основачот во рок од 15 дена од настанатата измена. Основачот, најдоцна до 30 дена од денот на запишувањето во регистарот доставува податоци до Регистарот на Министерството.

Член 15

За секое основно училиште, односно друга установа во која се остварува основното образование и која е запишана во регистарот се формира досие.

Член 16

Одредбите од овој правилник соодветно се применуваат кога основното училиште организира дејност за нови видови на образование.

Член 17

Во регистрите се внесуваат податоци за основните училишта што се верифицирани пред влегувањето во сила на овој правилник.

Член 18

Со денот на влегувањето во сила на овој правилник престануваат да важат одредбите од Правилникот за начинот на верификација на основното училиште (,,Службен весник на Република Македонија " бр.54/98).

Член 19

Овој правилник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во ,,Службен весник на Република Македонија".

 

Бр.10-1007/1

21 јуни 2007 година


                                                                                             МИНИСТЕР,

                                                                                             Сулејман Рушити