Македонски Документи

Адреса

ул. Димитрие Чуповски

бр 9, 1000 Скопје

тел: +389 2 3117 277
факс: +389 2 3118 414
e-пошта: contact@mon.gov.mk

Правилник за начинот на верификација на средното училиште и за содржината, формата и начинот на водењето на регистрите Верзија за печатење
10.08.2007

 

 

Врз основа на член 19 став 6 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија” бр.44/94, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 40/2003, 42/03, 67/04, 55/05, 113/05, 35/06, 30/07 и 49/07), министерот за образование и наука донесе

 

ПРАВИЛНИК

за начинот на верификација  на средното училиште и

за начинот на водењето на регистрите

 

Член 1

 Со овој правилник се пропишува начинот на верификација на средното училиште во целина, односно негов дел (во натамошниот текст: средно училиште) и начинот на водењето на регистрите. 

Член 2

Комисијата која извршува подготовка за работа на средното училиште доставува образложено писмено барање за верификација до Министерството за образование и наука (во натамошниот текст: Министерството), најдоцна до 31 април, за наредната учебна година.

Член 3

Верификација на средното училиште врши Комисија за верификација (во натамошниот текст: Комисија) што е формирана од министерот за образование и наука (во натамошниот текст: министерот).

Комисијата ја верификација на државно, односно приватно средно училиште ја сочинуваат три члена: по еден член од Министерството, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат.

Комисијата ја верификација на општинско, односно средно училиште на Град Скопје ја сочинуваат четири члена: по еден член од Министерството, Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат и од општината, односно од Градот Скопје.

Претседател на Комисијата е членот од Министерството.

При утврдувањето на условите за верификација учествува и претставник од подносителот на барањето од член 2 на овој правилник.

Член 4

Комисијата преку непосреден увид ја утврдува исполнетоста на условите за вршење на воспитно-образовната дејност на средното училиште согласно законот. 

Член 5

По извршениот увид Комисијата до Министерството поднесува писмен извештај за исполнетоста на условите со предлог за верификација.  

Член 6

Врз основа на поднесениот извештај и предлогот на Комисијата се донесува решение за верификација од страна на министерот.

Решението за верификација на средното училиште се донесува најдоцна до 31 мај во тековната за наредната учебна година.

Решението се доставува до средното училиште што се верифицира, до основачот и до Државниот завод за статистика на Република Македонија.

Член 7

Државното, односно приватното средно училиште кое е верифицирано се запишува во Централниот регистар што го води Министерството.

Општинското, односно средното училиште на Град Скопје се запишува во регистарот што го води општината, односно Градот Скопје за средните училишта на своето подрачје. 

Во регистрите од став 1 и 2 на овој член  се внесуваат податоци  за организирање и остварување на средното образование.

Член 8

Податоци од регистрите на општините, односно од регистарот на Градот Скопје се доставуваат до Централниот регистар од член 7 став 1 на овој правилник.

Член 9

            Централниот регистар и регистрите на општините, односно на Градот Скопје се водат во посебно тврдо подврзана книга со темно плава корица. Листовите на регистрите се нумерирани и прошиени со емственик, чии два краја се потпечатени со црвен восок на внатрешната страна од задната корица на регистарот.

Регистрите се оверуваат на внатрешната страна од задната корица.

Централниот регистар и регистрите на општините, односно на Градот Скопје се водат и во електронска форма.

Централниот регистар се води според Образец бр. 2 кој е составен дел на овој правилник.

Регистарот на општината, односно на Градот Скопје се води на Образец бр. 3 кој е составен дел на овој правилник. 

Член 10

            Запишувањето во регистрите се врши со темно сино мастило.

Во регистарот  на четири листа се внесуваат податоци за едно средно училиште.

Организирањето на дејност во паралелки надвор од матичното училиште се внесува во регистарот на листовите каде е запишано средното училиште во кое се организира ваква дејност.

Кога регистерските листови ќе се исполнат до крај, за наредните запишувања се користи нов регистарски лист кој се води под ист регистарски број.

Член 11

            Запишувањето во регистрите се врши врз основа на поднесена писмена  пријава според Образец бр.1 кој е составен дел на овој правилник.

Кон писмената пријава средното училиште поднесува акт за основање, односно организирање, во заверен препис.

Организирање на дејност за нови видови и профили (занимања) на образование се внесува во регистрите на листовите каде што е запишано средното училиште.

Член 12

Бришењето на средното училиште од регистрите се врши на тој начин што со црвено мастило се прецртува со права линија секој ред од запишувањето, а на крајот се наведува основот заради кој се врши бришењето.

Во случај на погрешно запишување се врши исправка на тој начин што преку погрешно запишаниот текст се повлекува тенка линија и над неа се внесува точниот текст. Исправката се врши со црвено мастило.

Секое запишување во регистарот го потпишува службеното лице што го води регистарот.

Член 13

Писмената пријава за запишување во регистарот се поднесува и за позначајна измена што настанува во средното училиште (менување на статусот, називот, седиштето и др.).

Врз основа на пријавата, запишувањето на настанатата измена се врши во соодветните рубрики од регистрите.

Член 14

Пријавата за настанатата измена државното, односно приватното средно училиште, ја доставува до Министерството во рок од 15 дена од настанатата измена.

Пријавата за настанатата измена општинското, односно средното  училиште на Град Скопје, ја доставува до основачот во рок од 15 дена од настанатата измена. Основачот, во рок од 30 дена од денот на запишувањето во регистарот доставува податоци до Централниот регистар.

Член 15 

За секое средно училиште, односно друга установа во која се остварува средното образование и која е запишана во регистарот  се формира досие. 

Член 16

Одредбите од овој правилник соодветно се применуваат кога средното училиште организира дејност за нови видови на образование.     

Член 17

       Во регистрите се внесуваат податоци за средните училишта што се верифицирани пред влегување во сила на овој правилник.

Член 18

Со влегувањето ви сила на овој правилник престануваат да важат одредбите од Правилникот за начинот на верификација на средното училиште и водење на регистар (,,Службен весник на Република Македонија,, бр.27/96).

Член 19

            Овој правилник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во ,,Службен весник на Република Македонија”.

 

 

    Бр.11-4991/1

21 јуни 2007 година

 

                                                                                                МИНИСТЕР,

                                                                                                Сулејман Рушитиi