| У П А Т С Т В О за начинот на изрекување на педагошките мерки во јавните ученички домови Член 1 Со ова упатство се уредува начинот на изрекувањето на педагошките мерки во јавните ученички домови. Член 2 Педагошките мерки во јавните ученички домови (во натамошниот текст: домови) се изрекуваат на ученици кои вршат повреда на должностите и не ги исполнуваат обврските утврдени со актите на домот, а со цел да се постигне чувство на одговорност и спречување на негативни појави. Член 3 Педагошките мерки се изрекуваат објективно, одмерено, праведно и педагошки одговорно. Педагошките мерки се изрекуваат индивидуално за секој ученик по претходно согледување и анализирање на околностите кои довеле до потребата од нивно изрекување. Член 4 Пред изрекувањето на педагошките мерки се разговара со ученикот и со родителот, односно старателот. Разговорот го води комисија составена од раководителот на воспитната група, стручен соработник, а по потреба и директорот, при што се води записник. Член 5 При изрекувањето на педагошките мерки не треба да се навредува личноста на ученикот. Член 6 На учениците кои не се придржуваат на утврдениот куќен ред може да им се изрече педагошка мерка : - писмена опомена; - опомена пред отстранувањеод ученичкиот дом, и - отстранување од ученичкиот дом (забрана на користење на услугите во домот). Член 7 Педагошките мерки се применуваат постапно. Член 8 За повреда на должностите и неисполнување на обврските, односно за служење со измама, невистини, фалсификување на документи и сл., на ученикот му се изрекува писмена опомена. За потешки повреди на должностите и неисполнување на обврските од став 1 на овој член на ученикот му се изрекува опомена пред отстранување од домот. За најтешките повреди од став 1 на овој член на ученикот му се изрекува педагошка мерка отстранување од домот. Член 9 Педагошката мерка писмена опомена на ученикот ја изрекува раководителот на воспитната група или директорот заради повреда на должностите и неисполнување на обврските и тоа за: - однесување кое е штетно за угледот на домот; - непримерен однос кон домот, воспитувачот и кон другите вработени лица во домот; - непримерен однос на ученикот кон другите ученици во домот; - неодговорен однос кон домот; - нарушување на куќниот ред и др. Член 10 Педагошката мерка опомена пред отстранување на ученикот од домот, ја изрекува советот на воспитувачи заради повреда на должностите и неисполнување на одговорностите, и тоа за: - крадење или лажење во домот; - доаѓање во домот под дејство на алкохол или дрога; - поседување и уживање на алкохол или дрога или алкохолизираност на ученикот во домот; - уништување на имотот на домот и имотот на соучениците или вработените во домот; - внесување предмети и средства со кои се загрозува сигурноста на луѓето и имотот на домот; - зачестени повторувања на повредите од алинеја 1 до алинеја 5 на овој член. Член 11 Педагошката мерка отстранување на ученикот од домот ја изрекува советот на воспитувачи заради повреда на должностите и неисполнување на обврските, и тоа за: - тенденциозни потешки повреди на куќниот ред и нивно натамошно зголемување; - психичко, физичко и полово насилство; - насилно изразување на нетрпеливост кон другите во домот; - продажба на дрога или наведување на други лица кон уживање на дрога поради што се загрозува животот на другите ученици; - фалсификување или уништување на педагошката евиденција или други службени документи; - закана со средства со кои лесно се загрозува сигурноста на луѓето и имотот; - зачестени повторувања на повредите од алинеја 1 до алинеја 6 на овој член. Член 12 Предлог за поведување постапка за изрекување на педагошка мерка може да поднесе раководителот на воспитната група или друго лице кое работи во домот, родител или ученик. Постапката за изрекување педагошки мерки ја води раководителот на воспитната група. Раководителот на воспитната група во рамките на своите надлежности, води писмена документација за преземените педагошки мерки за спречување на повредите на должностите и неисполнување на обврските на ученикот. Во документацијата се содржат податоци за одржаните разговори со ученикот, родителот, стручниот соработник, писмени известувања на родителот, надлежни институции и сл. Член 13 Родителот, односно старателот на ученикот треба да учествува при водењето на постапката за изрекување на педагошката мерка (да присуствува на закажаните средби со раководителот на воспитната група, стручниот соработник или директорот на домот). Во случај на отсуство на родителот или негово недоаѓање на закажаните средби, раководителот на воспитната група уредно доставува препорачано известување (покана за разговор, закажан термин, цел на разговорот и сл.). Ако родителот и на втората уредно доставена покана не се јави во домот, тогаш раководителот на воспитната група, односно совет на воспитувачи ја изрекува педагошката мерка. Член 14 Изречената педагошка мерка се образложува со цел таа да биде разбирлива и во писмена форма со правна поука се доставува до ученикот и родителот, односно старателот. Изречената педагошка мерка се внесува во досието на ученикот, односно во дневникот на воспитната група. Член 15 Приговорот против одлуката за изрекување на педагошката мерка, опомена пред отстранување и отстранување од домот, кој се доставува до органот на управување на домот, ученикот може да го подготви сам или притоа да му помогнат воспитувачите, стручните соработници од домот кои ученикот ќе ги избере. Член 16 При донесувањето на педагошки мерки особено се земаат предвид зрелоста на ученикот, побудите заради кои ја направил повредата, околностите во кои била направена повредата, размерите на можните последици, како и другите околности значајни за изрекување на мерките. Член 17 Во текот на учебната година кога ќе се утврди дека педагошката мерка ја постигнала својата цел, органот кој ја изрекол педагошката мерка може да отпочне постапка за нејзино укинување. Постапката се отпочнува со усвојување заклучок на советот на воспитувачите, односно органот кој ја изрекол мерката. Педагошките мерки кои се укинати се сметаат за неизречени. За укинувањето на мерката се известува ученикот и родителот. Член 18 Раководителот на воспитната група, односно директорот на домот заради прекршување на постапките или други оправдани причини, може да го спречи изрекувањето на педагошката мерка. Член 19 Ако се утврди грешка или пропуст при изрекувањето на педагошката мерка, домот мерката ќе ја промени или укине. За тоа се известува ученикот и родителот, односно старателот. Член 20 Со денот на влегувањето во сила на ова упатство престанува да важи членот 20 во делот ,,и за учениците во ученичките домови,, од Упатството за начинот на изрекување на педагошки мерки во јавните средни училишта (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/2005). Член 21 Ова упатство влегува во сила осмиот ден од денот на неговото објавување во “Службен весник на Република Македонија”. |