|
Врз основа на член 7 од Законот за ученички стандард (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/05) и член 34 став 3 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2007 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.139/06), Владата на Република Македонија на седницата одржана на ____________ .2007 година, донесе ПРОГРАМА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ И РАЗВОЈ НА ДЕЈНОСТА ВО УЧЕНИЧКИОТ СТАНДАРД ЗА 2007 ГОДИНА Програмата за остварување и развој на дејноста во ученичкиот стандард за 2007 година е изготвена врз основа на планираните средства со Буџетот за 2007 година, согласно Законот за ученички стандард, Програмата за работа на Владата на Република Македонија 2006-2010 и Програмата за работа на единките корисници на средства - ученички домови. Финансирањето на ученичките домови се врши согласно член 73 став 1 од Законот за ученички стандард (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/05). Во Република Македонија постојат 21 ученички дом, од кои во 17 финансирањето е од страна на Министерството за образование и наука, додека четири ученички дома (кои се за посебни образовни потреби, како ученички дом за деца со оштетен вид, слух и говор и деца со пречки во развојот) се финансираат комбинирано преку Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука. Сместувањето и исхраната на учениците во ученичките домови е организирано според Правилникот за работа на домовите и програмата за воспитно-образовната дејност. Во учебната 2006/2007 година во ученичките домови во Република Македонија, сместување и исхрана користат 2.171 ученици. Цената, која што ја плаќа Министерството за образование и наука, месечно за еден ученик изнесува 4.080,00 денари и тоа за 10 месеци во годината. Со Програма во системот на стипендирање опфатени се: - талентирани ученици од средното образование со месечна стипендија од 2.000 денари за девет месеци во учебната година;
- стипендии за децата-ученици на бранителите, кои се доделуваат согласно Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на РМ (“Службен весник на Република Македонија” бр.02/02; 17/03) и земаат по 2.000 денари за девет месеци во годината;
- по 10 стипендии за одличните ученици-Роми и тоа по 2.000 денари за девет месеци во годината;
- стипендирање на одлични учченици со посебни потреби и деца без родители и тоа по 2.000 денари за девет месеци во годината;
- стипендии по други основи (согласно Одлука на Владата на Република Македонија).
Во Потпрограма 5 А – Реконструкција на ученички домови, заради ограничените финансиски средства, се планира помали санациони зафати кај ученичките домови.
|