|
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за средно образование (Службен весник на Република Македонија бр. 49/07) од 18.04.2007 година, средното образование е задолжително за секој граѓанин, под еднакви услови утврдени со Законот. Согласно овој Закон средното образование во јавните училишта е бесплатно. Гимназиското и средното стручно образование траат по 4 години, додека средното стручно образование трае три или четири години. Со Законот за изменување и дополнување на Законот за средно образование (Службен весник на Република Македонија бр. 81/08) од 07.07.2008 година и Законот за изменување и дополнување на Законот за средно образование (Службен весник на Република Македонија бр. 92/08) од 22.07.2008 година, средното образование овозможува стекнување на знаења и развивање на способности за работа и натамошно образование. Со претходните одредби од Законот за средното образование со кои се регулира оценувањето на учениците во средните училишта, не беше обезбедена проверка на објективноста на изречените оценки на учениците од страна на наставниот кадар, што предизвика потреба од определени измени и дополнувања на Законот за средното образование. Измените и дополнувањата на Законот за средно образование имаат за цел учениците во средното образование да бидат објективно оценувани согласно нивните стекнати знаења и вештини, а наставниците да можат да направат споредба на нивните критериуми за оценување со критериумите согласно стандардизираните тестови на знаење. Со овие измени и дополнувања на Законот се очекува во битна мерка да се намали субјективизмот во оценувањето на знаењата и вештините на учениците во средните училишта, а со цел да се подобри професионалноста на наставниот кадар, како и квалитетот на средното образование. Со измените на Законот за средно образование предвидено е да се тестираат учениците во средните училишта. Со цел да се обезбеди објективност во оценувањето на учениците и да се напушти трката за повисоки оценки без реално знаење, како и да се надминат притисоците врз наставниците, на крајот на оваа учебна 2008/2009 година ќе биде проверено оценувањето на секој наставник. Тестирањето ќе се врши со тестови кои ќе ги изготви Министерството за образование и наука со што ќе се обезбеди објективност во проверката на знаењето на ученикот. Резултатите од тестирањето нема да влијаат врз општиот успех на ученикот, освен во случај кога оценката од тестот и завршната оценка добиена од наставникот се разликуваат за повеќе од една оценка. По тестирањето, Министерството за образование и наука ќе изготви ранг листа и на 20% од наставниците кои најреално ги оцениле учениците, наредната учебна година ќе им исплаќа зголемена плата за 15%. Кај 20% од наставниците кај кои има најголеми отстапувања во оценувањето ќе им биде намалена платата за 10%. Оценувањето на наставниците е битен услов во нивното напредување во кариерата согласно новите законски решенија. За прв пат оваа година започна реализацијата на државната матура организирана со цел да се подобри квалитетот на образованието. Измените и дополнувањата на Законот за средно образование и севкупно преземените реформи се во функција на подобрување на квалитетот на образованието во Република Македонија, за учениците да го продожат образованието по завршување на основното училиште.
|