|
Ве известуваме дека утре 18.06.2008 година започнува рокот за запишување на ученици во средните училишта. Од учебната 2008/2009 година сите ученици кои завршиле осмо одделение, согласно Законот за средно задолжително образование, се обврзани да се запишат во средни училишта. Според статисктика на Министерство за образование и наука, осмо одделение оваа година имаат завршено 27.286 ученици. Министерството за образоавние и наука објави Конкурс за запишување на ученици во јавните средни училишта за над 33.000 слободни места или 993 паралелки во ниво на Република Македонија. Пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во два уписни рока, јунски и августовски, со две пријавувања во јунскиот и едно пријавување во августовскиот рок. Првото пријавување и запишување на учениците во јунскиот уписен рок се врши на 18 и 19 јуни 2008 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 20 јуни 2008 година. Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 25 јуни 2008 година, а резултатите ќе се објават на 26 јуни 2008 година. Второто пријавување од јунскиот уписок рок и запишување на учениците ќе се врши на 1 и 2 јули, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 3 јули 2008 година. Пријавувањето и запишувањето на учениците во августовскиот рок се врши на 20 август во училиштата во кои има непополнети места, а резултатите од запишувањето на учениците и слободните места ќе се објават на 21 август 2008 година. Училиштата кои во двата уписни рока не ги потполниле утврдените ученички места за запишување со овој Конкурс продолжуваат со запишување на учениците до 31 август 2008 година. Пријавувањето за програмата Меѓународна матура во Гимназијата “Јосип Броз Тито” се врши од 19 до 23 мај 2008 година. КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР Критериуми за избор на учениците се: - среден успех на ученикот од V - VIII одделение;
- среден успех на ученикот постигнат по четири предмети (мајчин јазик, странски јазик и два предмети што се од значење за струката);
- дипломи од освоени (I, II и III) места од меѓународни и републички натпревари од (мајчин јазик, странски јазик и наставни предмети што се од значење за струката односно изборното подрачје);
- средна вредност од поени добиени за поведение.
Во училиштата каде што се пријавуваат поголем број ученици од планираниот број со еднаков број поени, ќе се организира квалификационо тестирање од предметите значајни за струката. Во средното уметничко образование (музичко, балетско и ликовно) и спортската гимназија, училиштата утврдуваат дополнителни критериуми. За средниот успех од V до VIII одделение ученикот може да добие најмногу 50 поени (средниот успех од петто, шесто ,седмо и осмо одделение се собира, се дели на четири и истиот број се множи со коефициент 10); За средниот успех постигнат од четирите предложени наставни предмети (два наставни предмети задолжително за сите видови образование и два предмети што се значајни за струката), ученикот може да добие најмногу 20 поени (5 поени за секој предмет). За освоено место од меѓународни и републички натпревари ученикот може да добие најмногу 5 поени. (За освоено место од меѓународни натпревари - 5 поени , за освоено место од републички :3 поени за I место, 2 поени за II место и 1 поен за III место). На ученикот му се вреднува само една диплома која носи најмногу поени. За средна вредност од поените за поведение од V до VIII одделение ученикот може да добие најмногу 5 поени (примерно поведение се вреднува со 5 поени, добро поведение се вреднува со 3 поени и незадоволително поведение со 0 поени. Средната вредност е збир од поените за поведението од петто, шесто, седмо и осмо одделение поделено со 4). ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ЗАПИШУВАЊЕ При пријавувањето, учениците треба да ги поднесат следните документи: - пријава за запишување со таксена марка од 50 денари;
- оригинални свидетелства од V до VIII одделение;
- извод од матичната книга на родените (без оглед на датумот на издавањето).
За програмата за Меѓународна матура во Средно училиште на Град Скопје “Јосип Броз Тито” условите, роковите за запишување, потребните документи и сите други потребни информации ќе бидат објавени на огласна табла на училиштето. Одделене за односи со јавност
|